Во морскиот дел североисточно од островот Кеа, што се наоѓа во близина на Атина, грчката крајбрежна служба вчера спасила 97 мигранти, а меѓу нив биле и четворица криумчари кои се уапсени, јави дописничката на МИА од Атина.
Како што соопштија од крајбрежната служба на Грција, чамецот тргнал од турскиот град Измир, крајната дестинација била Италија, а за „патувањето“ мигрантите им платиле по 8.000 евра по човек на криумчарите кои престојуваат во Турција.
Крајбрежните служби на островите Кеа и Андрос, вчера наутро биле информирани дека во морскиот дел се наоѓа чамец во тешка позиција и веднаш започнала спасувачка акција, а спасените мигранти биле префрлени на пристаништето Лаврио во областа Атика, поширокиот регион на Атина.
-Во рамките на прелиминарната истрага спроведена од крајбрежната служба во Лаврио со асистенција на припадници на Дирекцијата за безбедност и заштита на поморските граници произлезе вмешаност на четворица криумчари меѓу 97-те странски државјани, кои и беа уапсени, соопштија од грчката крајбрежна служба и додадоа дека кај еден од биле пронајдени 12,6 грама, најверојатно, наркотична супстанца.