На прагот сме да ја пречекаме Новата 2023 година со нова надеж. Бидејќи велат, со каква енергија ќе ѝ посакаме добредојде, таква енергија ќе ни донесе во секој нов од 364-те денови. И, секако, да ја испратиме 2022, како година на големи очекувања, уште поголеми предизвици и реформи во глобални рамки и, секако во национални рамки.
Во суштина, само што здивна од пандемијата со корона вирусот, светот се соочи со нови кризи, пандемија од дезинформации, но и закани за мирот, стабилноста и безбедноста, миграции и климатски промени, а особено со закана од тероризам и насилен екстремизам, кои веќе ја менуваат визурата на нормалното секојдневје. Но, барем се обедини во ставот дека новото нормално изискува широк фронт, наше заедничко делување, посветеност и обединување во меѓународната коалиција за борба против современите безбедносни предизвици и геополитички случувања. И, тука почнува реформата на глобалната свест.
Во национални рамки, пак, потврда за веќе спроведените реформи, но и ветер во грб за оние што ни претстојат беше почетокот на пристапните преговори на земјата со ЕУ, очекуван цели 17 години во чекалницата на кандидатите. Отпочнувањето на скринингот на европското законодавство, како прв чекор во процесот, ги максимизира напорите институциите да одговорат на очекуваното. Покажа дека како држава имаме потенцијал да одговориме на барањата кога перспективите се светли и јасни, кога затвореноста ја заменуваме со европско семејство, подготвено да помогне, да насочи, да охрабри и поттикне…
Како резултат на тоа ја имав честа како министер за внатрешни работи да ги потпишам и првите два документи со Европската Комисија, првиот Договорот со Фронтекс, а вториот поврзан со Заедничкиот план за акција за борба против тероризмот во Западен Балкан.
Конечно, реформите продолжија и на ниво на Министерство за внатрешни работи. Амбициозните и сериозни реформи на стратешко рамниште донесоа исполнување на препораките од Извештајот на ГРЕКО за евалуација на Република Северна Македонија – Петти круг на тема „Спречување на корупцијата и промовирање на интегритет кај централната власт и органите за спроведување на законот“, поради што направивме промена на законската регулатива, но работевме и на оперативен план за да ја покажеме посветеноста кон оваа наша стратешка цел, откривајќи 124 кривични дела поврзани со корупција, „тешки“ 227 милиони денари.
Реформите продолжија и во контекст на создавање на опремена, модерна, стручна и ефикасна полиција која ќе биде во служба на граѓаните.
Годината ја заокруживме си 78 комплетно реконструирани енергетско-ефикасни објекти, набавени униформи и опрема за сите организациони единици во МВР, 30% заштеди на електрична енергија и спроведена на дело агенда на сина униформа која се грижи за зелена околина. Покажавме дека можело од година во година да се подобруваат и резултатите за ефикасноста на полицијата, па поткрепено со статистички податоци да зборуваме за стабилизација и намалувачки трендови на криминалните области, а зголемена ефикасност на полицијата за 30, 40, а во одредени области и за 70%. Како што знаете, одлични резултати беа постигнати и во спречувањето на организираниот криминал и шверцот со наркотици. Тоа придонесе и за висока доверба кон полицијата од 50% отсто од испитаната јавност во анкетата на Меѓународниот републикански институт, што докажува дека МВР е целосно реформирана демократска институција, која работи во полза на сите граѓани
Амбициозните реформи во државата, а посебно во полицијата во изминатиов период, но и успешната меѓународна соработка на земјата добија признание и од меѓународната заедница. Според неа, МВР, македонската полиција и нашата држава се оценети не само како кредибилен партнер, туку и лидер во регионот за соработка во областа на сузбивање на криминалот и подобрување на безбедноста, како мост во Западен Балкан. Ако кон ова го додадеме и рангирањето на република Северна Македонија според Глобалниот индекс за мир во друштвото на 36 најбезбедни држави во светот, како најбезбедна држава во Западен Балкан, тогаш можеме со задоволство да го потврдиме континуираниот напредок.
Што ни останува за идната 2023 година? Реформа на умот! Тоа е она што зависи само од нас и што, секако, имаме потенцијал да го постигнеме. Од најбаналните работи до најкомплексните. Да не седнуваме на волан ако сме консумирале алкохол или без поговор да ја почитуваме максимално дозволената брзина на патот, притоа размислувајќи со подеднаква грижа и за своето, но и за другите деца како учесници во сообраќајот. Или, да не нудиме пари за нешто што е обврска на системот да ни го обезбеди, а доколку некој ни побара, тоа веднаш да го пријавиме во полиција. Еве, уште еден пример, би рекол баш претпразничен – не им купувајте пиротехника на вашите деца, доколку не сакате да бидете директно одговорни за загрозување на нивното здравје или животот. Доколку сте сведоци на криминално дејствие, пријавете го во најбрз можен рок, затоа што доколку тоа не го сторите, токму вие може да станете следната жртва. И такви примери има безброј…
За таквата реформа на умот зборувам. А сигурен сум дека можеме во тоа да успееме!
Нека биде тоа мојата заедничка новогодишна желба која ќе обезбеди позитивен инпут во Новата година, за да ни донесе безброј нови убави моменти кои заеднички ќе ги славиме. Нека биде тоа патеката кон светлата перспектива за државата која си ја посакуваме.
Да ја направиме заеднички Новата 2023 да ни биде посреќна, помирна и побериќетна!