Спасовски ги негира обвинувањата и зборува за политички притисок
Пратеникот и координатор на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, целосно ги отфрли наводите од, како што ја нарече, „т.н. пријава“ на Министерството за внатрешни работи за злоупотреба на службената положба.
Kривична пријава против Оливер Спасовски за „злоупотреба на службена положба и овластување“
Во изјава за „Локално“ тој оцени дека методите кои се применуваат против него не се нови и дека се создадени за дефокус на јавноста од, како што рече, реалните скандали на власта.
Деталите од пријавата на МВР
МВР информираше дека до ОЈО Скопје е поднесена кривична пријава според која Спасовски, како министер во 2021 година, наводно ја злоупотребил функцијата и на фирма за технички преглед во скопски Сарај ѝ овозможил противправна имотна корист од 5,5 милиони денари. Според полицијата, тој не ја извршил службената обврска за донесување решение во законски предвидениот рок од 15 дена, согласно Законот за возила и соодветниот Правилник. Опозиционерот возврати дека ваквите пријави служат за замаглување на темите поврзани со трагедијата во Кочани, мигрантите и економската состојба.
Реакцијата од СДСМ и врската со Резолуцијата за мигрантите
Од СДСМ порачаа дека пријавата против Спасовски пристигнува токму во момент кога во Собранието треба да се поднесе Резолуцијата за мигрантите. Тие оценија дека станува збор за политички прогон со цел дефокусирање на јавноста. Партијата порача дека „сè ќе пукне како меур од сапуница“ и дека граѓаните гледаат и препознаваат што се случува. „Прашањето е едноставно – ќе ја потпишете Резолуцијата за мигрантите или не“, стои во нивната реакција.
