Тој им честита и на професорите за, како што рече, изведувањето на уште една, квалитетна и вредна генерација дипломци, која наоѓајќи го своето вистинско место во општеството бездруго ќе имаат силна контрибуција во неговиот развој и напредок.
Министерот Спасовски најави дека првпат од јануари 2022 година неколку стотини студенти одеднаш ќе можат да се јават на оглас за вработување во МВР.
Деканот Никола Дујовски, наведе дека Факултетот за безбедност е еден од ретките, што има двоцифрен број дипломирани, а не вработени студенти. И тој потврди дека за неколку недели, ќе можат сите дипломирани студенти од овој Факултет да аплицираат на конкурсот, што, како што рече, сериозно ќе ги намали овие бројки на помалку од 100 дипломирани студенти кои бараат работа.
Спасовски нагласи дека денес е општоприфатена и докажана нераскинливата корелација меѓу науката и практиката, нивната меѓусебна упатеност, особено доколку се сака, односно се преферира кон искрено реализирање на индивидуалните амбиции или задоволување на интелектуалната глад и предизвици. Тоа, оцени тој, подеднакво носи и професионален, но и општествен бенефит.
Според него, безбедноста како наука и како професионална ориентација колку што е интересна, во иста мерка е и одговорен избор, што произлегува од новите трендови и предизвици на општествено живеење.
Во таа смисла, министерот Спасовски истакна дека модерните општествени системи секаде во светот инсистираат во интерес на сопствениот просперитет на следење и практично имплементирање на нови, современи научно-истражувачки сознанија и на максимална кооперативност меѓу теоретското и практичното знаење.
– Така е и во поглед на безбедноста, особено што веќе е етаблирано уверувањето дека е неопходно, и тоа веќе се прави, подлабоко инволвирање на таа безбедносна разнообразност во сите пори од системите. Токму заради тоа јас немам дилема дека многумина од вас, почитувани дипломци, ќе успеат да го препознаат и пронајдат своето место во општеството, притоа давајќи го својот професионален максимум, како во име на сопствените амбиции, така и во име на потребата за брз и интензивен развој на нашата држава. Исто како што сум убеден и дека нашите институции, веќе јасно и недвосмислено ја детектираат потребата од иновативниот, млад, перспективен потенцијал што егзистира во секој млад човек желен за самодокажување и за напредок, потенцира Спасовски во обраќањето.
Тој потсети дека овој став веќе неколку години наназад претставува и една од стратешките определби на Министерството за внатрешни работи.
– Ве уверувам дека нема да запреме со оваа политика во делот на кадровско и стручно надградување на Министерството за внатрешни работи, туку сме решени тоа да стане составен дел од процесите на избор и професионална надградба на нашите вработени, истакна меѓу другото Спасовски.
Александар Стојановиќ, најдобриот студент на Факултетот за безбедност кој дипломира во академската 2020-2021 година со просек 9,93, во обраќањето пред присутните потенцира дека е чест и задоволство да се биде првенец на генерација на Факултет што образува и генерира кадри, кои треба да бидат штитот на државата.
Тој се наврати на минатото и појасни дека бил мотивиран од два моменти поради кои сега е тука – првиот е на првиот академски час кога им се обратиле тогашниот и актуелен министер за внатрешни работи Спасовски и актуелниот декан Никола Дујовски, кои, меѓу другото, им посочиле дека ќе имаат и потешкотии и убави и лоши моменти, но секогаш со главата горе мора да поминат низ сето тоа, за да се дојде до успехот.
– Уште еден момент што ме мотивираше да дадам се од себе и да бидам тоа што сум денес, е говорот на министерот Спасовски, кој кажа дека првите пет студенти дипломирани во секоја академска година, по автоматизам ќе добијат вработување во МВР, рече Стојановиќ и му порача на Спасовски дека се надева оти ќе остане доследен на неговите ветувања.
Деканот на Факултетот за безбедност, Дујовски, во обраќањето нагласи дека потпишаните 74 дипломи навистина вредат и безбедносниот систем може веднаш да смета дека може да се потпре.
На дипломираните студенти тој им порача водилка да им биде моралот и етиката и тоа да ги држи на пристојно ниво од, како што рече, криминалците, но и од полициските службеници кои не ја извршуваат својата задача. Образот што го носите, нагласи Дујовски, не е само ваш, туку и на вашите родители и на вашите деца.
– Да го чувате интегритетот на знаењето што го стекнавте овде само така ќе бидете успешни, им порача Дујовски.
На дипломираните студенти им честита и им посака успех и Сашо Коруновски, ректор на Универзитетот „Св. Климент Охридски“, кој истакна дека образованието и знаењето се нафтата на 21 век.
– Во вас е надежта, во Вас е перспективата, нагласи Коруновски.