Според Спасовски, сето тоа ефектуираше со динамична соработка која беше заокружена со потпишувањето на новиот Колективен договор, со чии што измени е направен значаен исчекор со позитивна рефлексија во однос на синдикалните, социјалните и професионалните права на вработените во МВР.
Посочувајќи дел од новините во Колективниот договор, како што се наградата за добиено новороденче, исплатата во износ од 20 отсто средства наменети за храна за ноќна работа, исплата во износ од 5 проценти на час за домашно дежурство во криминалистичката полиција, награда за ментори за успешно спроведена менторска програма, јубилејна награда во износ од половина од просечна плата за работен стаж од 10 години во МВР, Спасовски нагласи дека во изминатиот период беа преземени сериозни активности за севкупно подобрување на материјално-техничката положба на полициските службеници, изразени како во поглед на професионалната опременост на полицијата, така и во поглед на инфраструктурните услови и капацитети за работа на полициските организациони единици.
– И во оваа тековна година продолживме со набавка на униформи, па специјалните единици добија повеќе комплети нова униформа, униформи и чевли се набавени и за другите полициски службеници, за Одделот за заштита на определени личности и објекти во рамки на БЈБ, за Хеликоптерската единица, а целосно нова униформа е обезбедена и за младите полицајци и приправници. Успеавме да обезбедиме зголемување на платите за 5 отсто за 2022 година, сè со цел продолжување на процесот на усогласување на платата за припадници на МВР. Покрај ова, веќе ги исплативме трите заостанати бонус плати за прекувремено изработени часови, а реализиравме навремена исплата на средства за тековните бонус плати, при што обезбедивме и средства за бонус плата за остварени над 150 часа прекувремена работа во текот на 2021 година. Ова се дел од работите што во овој интензивен реформски период зад нас успеавме да ги реализираме. Притоа, останавме посветени на начелата на отвореност, комуникација и соработка како базични за натамошно унапредување не само на професионалните и синдикални стандарди, туку и на севкупното функционирање на министерството како сервис на граѓаните, нагласи министерот Спасовски.