Продолжуваме со усовршувањето и со континуирана поддршка на други институции при справување со итни и кризни состојби.

Пожарите кои изминатата недела го погодија регионот, за жал, не ја одминаа ни нашата земја. А благодарение на успехот на припадниците на Хеликоптерската единица за полициски намени и на Хеликоптерската единица за посебни намени при Одделот за воздухопловни единци, кои дејствуваа во гасење пожари низ државата – во реонот на Свети Николе, реонот на Дојран, реонот на Богданци, реонот на Демир Капија, велешка Отовица, како и Гоцева Шума, тие беа ставени под контрола.

Притоа користени се хеликоптерите на МВР (Мi171 и Bell412). Со над 70 наврати и прецизно исфрлени 185 тони вода врз најкритичните точки, како и со помош на локалните пожарникари, со што пожарите се изгаснати.

За потсетување, во изминатиот неколкугодишен динамичен период на развој беше инвестирано во низа неопходни инфраструктурни потреби на оваа Единица, не само од аспект на материјално-техничките потреби, туку паралелно се работеше и на одржување на високо технолошко ниво – преку редовно ремонтирање на леталата и нивна модернизација, како и набавка на опрема на леталата и за оперативни активности од спасувачки карактер, особено во делот на гаснење пожари. Имено, препознавајќи ги потребите на државата за поуспешно справување со пожарите, а со тоа и подобра заштита на граѓаните и имотот, МВР ја опреми Единицата со 3 хеликоптери марка „Бел“, кои беа оспособени за гаснење на пожари, за да одговорат на потребите на граѓаните. Притоа, беше набавено едно ведро за „Бел 212“ и Симплекс резервоар за „Бел 412“ кои ги гледаме на дело. За да се овозможи успешно користење на опремата, беше спроведена меѓународна обука, и тоа за носење подвесен товар и за гаснење на пожари.

Обуката успешно ја завршија и се сертифицираа сите пилоти на Хеликоптерската единица за полициски намени, напиша на својот профил на Фејсбук, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.