Состојбата со миграцијата е во рамки на предвидувањата, така што немаме некое интензивно зголемување од јануари затоа што пред се зависи од временските услови. Секогаш во пролетните месеци имаме зголемување на бројот на мигранти, меѓутоа ако ја земеме минатата 2022 година, која заврши со околу 30 проценти зголемување на обидите за илегален влез, далеку е од просекот којшто е во државите од околните држави и од Западен Балкан и од ЕУ, каде што тој процент се движеше од 80 па дури до 100 проценти, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во одговор на новинарско прашање каква е состојбата со миграцијата, на заедничката прес-конференција со директорот на ФРОНТЕКС Ханс Лејтенс, по официјалното започнување на Заедничката операција на ФРОНТЕКС во земјава.

-Веројатно добрата поставеност, големи активности што се однесуваат пред се на ефикасноста во откривањето на кримучарењето на мигранти, која што во 2022 година заврши со стопроцентно зголемување сепак не ја прави Северна Македонија атрактивна за да можат да поминуваат и заради заедничката операција, која што ја имавме јас навистина очекувам дека заедно со колегите сега од ФРОНТЕКС интензивно ќе се работи во овој дел и ќе бидат видливи резултатите по однос на одржувањето на целата оваа ситуација. Инаку, неколку пати сум кажал, ова не е решение на проблемот со миграцијата. Ние само се справуваме со последиците од миграцијата. Решението треба да биде таму каде што се создава проблемот во изворот на проблемот и се надевам дека следните години ќе се насочи фокусот кон обезбедување на услови за да тие луѓе не тргнуваат воопшто на овие патишта коишто ќе значат движење кон ЕУ или кон земјите од регионот. Меѓутоа, тоа е процес што ќе остане да биде глобален предизвик или безбедносен предизвик во наредните години, рече Спасовски.

Во однос на вчерашниот инцидент со застреланиот мигрант изјави дека ќе мора да бидат целосно утврдени сите факти и аргументи од страна на надлежните органи.

– Да, вчера имаше еден инцидент што се случи при спречувањето на обид за криумчарење на мигранти. Притоа имаме уапсено две лица поради криумчарење на мигранти, коишто воедно се обидоа да ги нападнат полициските службеници и да биде одземено службеното оружје од еден од полициските службеници и токму во тој момент имаше реакција од страна на полициските службеници, така што од вчера до денеска се работи интензивно заедно со ЈО да се расчисти целиот овој случај. И навистина јас жалам и изразувам сочувство во однос на смртта на мигрантот, меѓутоа сепак тоа се оперативни активности коишто ќе мора да бидат целосно утврдени сите факти и аргументи од страна на надлежните органи и на крајот да имаме заклучок во однос на целиот овој настан, рече Спасовски.

Во однос на состојбата на безбедноста во главниот град, Спасовски рече дека може да биде оценета како мирна, стабилна и без никакви индикации за да има нарушување.

-Инциденти имало, има и ќе има и понатаму и тука апсолутно мора да работиме интензивно во однос на зачувувањето на безбедноста. Вие знаете за оперативните акции со коишто работиме посебно во главниот град за безбедносно лето или сега за безбеден град што даде исклучителни резултати пред се во борбата против трговијата со дрога и со оружје и за навистина обезбедување на мир и стабилност за сите граѓани на Северна Македонија. Впрочем и ако го видите и меѓународниот индекс за мир ќе видите дека земјава по сите параметри е оценета како 35-та земја по однос на безбедноста. Безбедноста не е ниту една институција, туку сите заедно заради тоа што тука мора да има пред се мултиинституционален пристап. Кога зборуваме за безбедноста во сообраќајот ние треба да работиме со локалната самоуправа, таму се прават сите програми, планови, сообраќајни режими итн., светлосната сигнализација, ако зборуваме за осветлувањето заради тоа што истражувањата покажуваат дека најнеосветлените делови се најнебезбедни и сето тоа покажува колку треба да имаме една заемна координација, така што ние во полн капацитет секојдневно 24 часа сме на терен во однос на обезбедувањето на таа безбедност, рече Спасовски.