Куќичките треба да се еколошки и лесно одржливи и би се поставувале на јавен простор – таму каде што најмногу има улични миленици, односно каде има и најмногу луѓе кои ќе се грижат за нив и кои би ја презеле одговорноста за нивно одржување.

Ова е идеја на „Зелен хуман град“ од каде што сакаат во Скопје да ја пресликаат иницијативата за градење на куќички за бездомни миленици на градоначалникот на Њујорк, со цел да им се овозможи хуман третман и основни услови за нивен опстанок на скопските улици.

– Општините во соработка со здруженијата за заштита на животните, Здружението на архитекти и Архитектонскиот факултет, да организираат слична активност, со цел таа да стане традиционална. На тој начин, Скопје ќе се вброи како прв град кој би обезбедил засолништа на улични миленици и втор на Балканот, после општина Панчево – потенцираат од „Зелен хуман град“.

Оттаму предлагаат, Здружението на архитекти на Македонија, како и студентите на Архитектонскиот факултет, на кои им претстои подготовка на дипломска работа, да изработат 5 до 10 модели куќички за бездомни миленици. Изработените модели на куќички би ги изложиле, со што сите заинтересирани граѓани/љубители на животни како и пошироката македонска јавност би имале можност да ги видат. Куќичките би биле предмет на конкурс за донирање.

– На ваков начин ќе се влијае врз свеста на населението, со што ќе се трасира патот за нови, одговорни навики кои ќе придонесат за заштита на луѓето, животните и животната средина. Ќе се промовира важноста на граѓанскиот активизам и директната активност, во име на колективното добро. Овој проект ќе даде придонес за промоција на алтруизмот и хуманоста, со што на долгорочен план Скопје да стане подобро и похумано место за живеење – нагласуваат од „Зелен хуман град“.