Социјалистичката партија на Македонија предложените измени на Законот за работните односи со кои се предлага воведување прекувремена работа подолга од досега предвидената ги отфрла како срамни прекршувања на работничките права и воведување експлоататорски односи спротивни на Уставот.

Во продолжение соопштението на СПМ

Најкорумпираната власт преку своите неодговорни пратеници бара во градбата на коридорите 8 и 10д за конзорциумот Бехтел и Енка да се донесе недозволено и противуставно решение. Тоа е насилничко однесување кое власта без запирање го наметнува во македонскиот парламент.

Со непочитување и угнетување на работничките права кои се уставно гарантирани власта работи против правниот поредок и сопствената држава.

Социјалистичката партија на Македонија бара веднаш да се повлече овој катастрофален предлог закон кој всушност претставува воведување на робовски труд и безгранично експлоатирање што е незамисливо во 21 век.

Тие што го преговарале и го прифатиле ваквиот предлог треба да одговараат и да бидат казнети.

Безумните закани на Артан Груби кон македонските работници кои не сакаат да работат со подолго работно време со нивна замена и увоз на работници од странство кои ќе работат на автопатите се воведување современо ропство за кое се залага ДУИ и СДС. Потврда за делувањето на овие два политички субјекти спротивно на интересите на граѓаните .

Тоа значи враќање на државата 200 години наназад. Никој нормален не би прифатил ваква уцена освен најкорумпираните политичари предавници Димитар Ковачевски и Артан Груби.

Иако Уставниот суд донесе одлука за траењето на прекувремената работа овие двајца не почитуваат ништо и упорно го рушат системот и правата од работните односи.

Социјалистичката партија на Македонија оценува дека со ваква предавничка политика и неограничена корупција именованите ја ништат државата Македонија.

Инертниот Јавен обвинител мора да собере храброст и да покрене постапка пред Судот за криминалот што го прават и предлагаат Груби и Ковачевски.