„Социјалистичката партија на Македонија жестоко реагира на димензиите на монструозниот случај во клиниката за онкологија и криминалната организирана трговија со цитостатици. Овој скандал значи целосен морален и организациски колапс на здравствениот систем затоа што ниту еден пациент не заслужува злоупотреба на терапијата за нечија лична корист, а цената за тоа е свесно убиство на пациентите. Тоа е злосторство од некој што треба да лекува да зема право да одлучува за туѓ човечки живот.
Воедно, ова е потврда за моралниот пад на општеството во кое може да се случи организирана криминална трговија со лекови и биолошка терапија“. Овие пораки ги испраќаат од политичката партија СПМ преку писмен допис до медиумите, а во врска со случувањата на Клиниката за онкологија.
„Македонското општество е болно и губи секаква етичност како резултат на безумните политики на однародена и авторитарна власт на отчовечените СДС и ДУИ.Социјалистичката партија на Македонија укажува на димензиите на скандалот во кој учествуваат највисоките државни функционери и лица блиски до самиот врв на политичките партии СДС и ДУИ.
Социјалистичката партија на Македонија очекува одговорност за незаконското и неуставно работење во третманот на пациентите затоа што е погазено уставно загарантираното право на здравствена заштита на секој пациент. Затоа што е несватливо
најсовремената онколошка терапија да не е на позитивна листа како што не е нормално со уценување на пациентите со малигни заболувања за одредени дијагностички процедури неопходни за натамошен третман да им се изнудуваат пари.
Конечно, надвор од здравиот разум е незаконското креирање списоци со лажно болни пациенти од канцер и преку нив препродавање на онколошката терапија.
Укажуваме дека системот за следење на цитостатици со кој се оневозможува злоупотребата и крадењето на дози уште од 2017 година не се користи што дополнително буди сериозно сомневање за организирано злосторничко дејствување со смртни последици за најранливите пациенти.
Сето ова ја дава морбидната тежина на овој скандал, на тие што директнно учествувале, на оние кои помагале, но и на оние што знаеле и молчеле, што всушност е лицето на целата влада и политичките партии во власта со невидена нечовечност и суровост.
Социјалистичката партија на Македонија врз основа првичните и бесчуствителни реакции на власта смета дека Владата воопшто не е свесна за димензиите на морбидниот скандал на клиниката за онкологија. Уште помалку таа размислува за последиците од траумите од тетовската модуларна болница со исто така смртни последици, а веќе се надвоврзува овој скандал со цитостатици.
Според Уставот на Република Македонија Владата е должна да се грижи за благосостојбата и здравјето на граѓаните. Меѓутоа оваа ненародна влада на СДС и ДУИ се претвори во убиец на сопствените граѓани.
Социјалистичката партија на Македонија им укажува на македонските граѓани дека не постои сектор во државата кој не е уништен од незнаењето и алчноста на криминалците од власта на СДС и ДУИ, рак рана на македонскиот народ и држава. Со нив на власт не веруваме во правната разврска и поднесувањето одговорност и за овој случај.
Бараме оставка на владата на СДС и ДУИ, морална оставка на нелегитимниот премиер Ковачевски, доколку постои ронка совест“, стои во реакцијата на СПМ.