Скромно спомен обележје за осуммината припадници на МВР кои во акцијата за разбивање на вооружена терористичка група во Куманово, во мај 2015 година ги загубија животите, но не во Диво Насеље, туку пред полициската станица во градот – Министерот Оливер Спасовски на денот на одбележувањето на 22 години од формирањето на Единицата за брзо распоредување со порака, спомен плочата ќе остане постетник дека хериоите живеат вечно.

А осум години подоцна, гласно се зборува и за екстрадиција на дел од осудените во Косово. Но, според Спасовски, такво нешто не смее да се случи.

„Таа терористичка група која што е осудена мора да ја издржи својата казна и да сноси одговорност. За мене, воопшто не може да се разговара за била каква екстрадиција за луѓе кои сакаа да го нарушат мирот, стабилноста и безбедноста на државата“, вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Првиот глас за оваа можност пристигна од министерот за правда, Кренар Лога, кој во март годинава кажа дека најмалку десет чекори ги делат осудените од нивното барање, остатокот од затворската казна да го одлежат во Косово. Сепак и тогаш остана без став, дали ќе се дозволи такво нешто.

„Јас го побарав досието поврзано со трансферот на кумановската група. Најголем дел од тие барања не е според тоа што предвидува законот. Остануваат уште најмалку 10 чекори до нивниот трансфер во Косово. Не можам да кажам пред време, без да имам став од сите фактори поврзани со ова прашање. Би сакал да сум воздржан“, вели министерот за правда Кренар Лога.

Судењето за терористичката група се одвиваше под полно полициско присуство. Процесот траеше две години, а изрекувањето на пресудата почна тензично, со бојкотирање на читањето на пресудата и со извици „Ние сме терористи, ние сме УЧК, терористите го напднаа Собранието“, по што беа отстранети од судењето.

Од 37 обвинети, четворица добија ослободителни пресуди, седум доживотни затворски казни, 13 казни од по 40 години затвор по што ќе треба да бидат протерани од државата, додека останатите добија од 12 до 20 години затвор.