„Јас не гледам причина зошто договорот да не биде објавен. Станува збор за стратегиски договор од национален интерес. Не сум сигурна, но ќе проверам дали има некоја клаузула која би го спречувала тоа. Во спротивност, пак ќе кажам, тоа е договор од стратегиски интерес и не мислам дека треба да биде сокриен од јавноста“, изјави денеска Грковска одговарајќи на новинарски прашања

Вицепремиераката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска не гледа причина зошто да не биде јавно објавен договорот со „Бехтел и Енка“, кој деновиве ја бранува јавноста по информациите дека во него се содржани клаузули со кои државата се обврзува да исплаќа милионски трошоци доколку не се зголеми работната недела од 40 на 60 часа за работниците кои ќе бидат ангажирани на изведбата на коридорите 8 и 10-д, кои ќе ги гради американско-турскиот конзорциум.

Според Грковска, станува збор за договор од стратегиски интерес и затоа не треба да биде сокриен од јавноста, освен ако во него има клаузули кои го оневозможуваат тоа, односно повлекуваат негова тајноста, за што вицепремиерката не беше сигурна дали има такви и рече дека треба да провери.

„Јас не гледам причина зошто договорот да не биде објавен. Станува збор за стратегиски договор од национален интерес. Не сум сигурна, но ќе проверам дали има некоја клаузула која би го спречувала тоа. Во спротивност, пак ќе кажам, тоа е договор од стратегиски интерес и не мислам дека треба да биде сокриен од јавноста“, изјави денеска Грковска одговарајќи на новинарски прашања.

Објавување на договорот со „Бехтел и Енка“ вчера побара пратеникот на ВМРО народна партија, Љупчо Балкоски, кој, иако е дел од владејачката коалиција „Можеме“ предводена од СДСМ, не ја поддржа потребата од носење на измените на осумте закони поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10-д и најави амандмани во текот на расправата по законите пред матичните комисии.

Прашана за став во однос на самите предлог-измени на Законот за работни односи поврзани со изградбата на коридорите, таа изјави дека станува збор за мерка која се однесува само на проекти од стратегиски интерес и по претходна согласност на работникот.

„Ќе видиме како ќе оди дебатата во Собранието, има прилично голем број на амандмани. Станува збор за мерка која се однесува само на проекти од стратегиски и национален интерес и тоа е по претходна согласност на работникот. Значи доколку работникот прифати тоа може да биде и реализирано“, рече вицепремиерката за политики за добро владеење.

На новинарска забелешка дека Уставниот суд веќе еднаш оцени дека ваквите случаи можат да остават простор за арбитрарност од страна на работодавачите истовремено ги става под нееднаков третман работодавачите, Грковска одговори со повик до сите надлежни институции да го разгледаат ова прашање од сите можни аспекти.

„Сакам да ги повикам сите надлежни институции да го разгледаат од сите можни аспекти и доколку се утврди дека има било каков проблем кој може да задира во уставноста или во контрадикторност со други закони или други права ги повикувам сите да се најде решение кое ќе биде прифатливо за сите, во функција на исполнување на стратегиските и национални приоритети“, рече вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење.