-Во моментов разговараме не само со Алтернатива туку има контакти и со други политички партии што се дел од Собранието за да се приклучат на парламентарно мнозинство или да го поддржат и мислам дека сите тие што сакаат да ја видат Северна Македонија во ЕУ ќе се приклучат кон ова парламентарното мнозинство. Јас сум уверен дека Заев ќе ја почне процедурата за нов претседател на СДСМ, ова е процес што не завршува за еден ден, туку мислам дека ќе трае еден месец и дотогаш се надевам дека ќе имаме стабилно парламентарното мнозинство и да продолжиме со реформи преку, првично одобрувањето на буџетот на државата, но и решавање на спорот со Бугарија, рече на новинарско прашање Груби кој присуствуваше на одбележувањето на 113-годишнината од Битолскиот конгрес и 14-годишнината на постоењето на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците во Северна Македонија.

Тој информира дека вчера разговарал со премиерот Заев за средбата што ја имал со Алтернатива, и оти денеска ќе имаат нова средба во врска со случувањата со новото парламентарно мнозинство. Нагласи и дека во разговорот не станало збор за кадровски прашања поврзани со евентуалниот влез на Алтернатива во Владата.

-Не верувам и не очекувам драматични случувања во земјава и убеден сум дека и Гаши, но и другите албански политички партии, вклучително и Касами и Села, се свесни за значањето на овој момент и случувањата што се превземаат во Брисел во насока на отворањето на преговорите, и нема да направат ниеден чекор за да ја загрозат европската иднината на земјата, посочи меѓу другото Груби.