Ние пописот ќе го спроведеме и тоа е разликата меѓу сегашната и власта на ВМРО-ДПМНЕ, рече Заев.
Мицкоски му врати дека во 2011 година, кога пописот беше прекинат, на власт беше и сегашниот владин коалициски партнер ДУИ.
-Пописот овојпат ќе успее. Досега се попишани преку 1,1 милион граѓани, а ни остануваат упте десетина дена. Наспроти тврдењето на опозицијата и на Мицкоски дека ќе има масовна зараза, го докажавме спротивното. Докажавме дека и за време на КОВИД оваа статистичка операција може да се спроведе. Народот е одговорен, се почитуваат сите мерки и протоколи. Попис може да се реализира ако се сака. Тоа е големата разлика меѓу оваа и власта на ВМРО-ДПМНЕ која не успеа да спроведе попис, истакна Заев.
Според Мицкоски, апликацијата континуирано изминатите 15 дена паѓаше.
-Пописот има многу проблеми и тоа Заев го знае. Апликацијата континуирано изминатите 15 дена паѓаше и попишувачите на терен не можеа да ја користат 24 часа. Тоа е факт, нагласи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски се осврна и на Левица. -Од една страна го имате Зоран Заев кој вели ќе има попис и повикува на попис, од друга страна ги имате Левица кои работат активно за да не успее пописот. Што е заедничко помеѓу едните и другите. Пред Нова година Заев одговарајќи на едно прашање на претседателот на таа политичка партија, постави контра прашање дали е точно или не дека му обезбедил логистика и финансиски средства за да работат против ВМРО-ДПМНЕ и дека му било ветено дека ако освојат пратеници ќе ги поддржуваа политиките на СДСМ, рече Мицкоски.
На тоа Заев му врати дека го потценува народот.
– Зарем мислите дека ќе ви помине тезата дека СДСМ тајно со Левица го блокира попсиот? Не се обидувајте да го потцените народот, денес се е јавно и транспарентно. Не зборувајте невистини. Сите знаеме кој соработува со Левица, кои се радикални структури, вие и јавно ги повикавте на коалиција, на соработка. Одлучете се за пописот сте или против, за уставното име сте или против? Конечно, треба да имате одговорни политики, му порача Заев на Мицкоски.
Во врска со дијаспората, Заев потенцира дека важат стандардите на ЕВРОСТАТ.
-Сите тие се наши граѓани, имаат државјанство и сите влегуваат во пописот само јасно се разграничува: кои се резиденти, кои се нерезидентни, рече премиерот и лидер на СДСМ.
На прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ ќе ги признае резултатите од пописот, Мицкоски не одговори конкретно.
-Како можеме да признеме нешто што не сме виделе? Допрва има период кога ќе се вкрстува тоа со базите на податоци. За една година од сега ќе излезат тие пподатоци. Но, првата контрола ќе бидат локалните избори и фингер принт терминалите, истакна опозицискиот лидер.
На тоа Заев рече дека ВМРО-ДПМНЕ ветиле дека ќе ги признаат резултатите.