Граничната полиција вчера попладне спречи обид за илегален влез на поголема група мигранти на јужната граница во близина на Гевгелија, при што слобода се лишени петнаесет лица.

Инцидентот се случил околу 17:30 часот во близина на граничната линија со Република Грција, поточно на местото викано „Ќупот“, во атарот на гевгелиското село Моин. Службениците од Полициската станица за гранични проверки и граничен надзор Богородица лоцирале група од приближно 40 мигранти при обид нелегално да ја преминат државната граница.

За време на интервенцијата за запирање на групата, полициските службеници испукале неколку предупредувачки куршуми од огнено оружје во воздух. Притоа, 15 мигранти биле уапсени на лице место, додека останатите се разбегале.

Приведените лица веднаш биле транспортирани и предадени во Прифатно-транзитниот центар во Гевгелија за спроведување на понатамошна постапка.