Царинската контрола откри обемна нелегална стока
Царинските службеници на граничниот премин Меџитлија открија поголема количина хемиски препарати за заштита на растенија во возило кое се враќало од одмор преку Турција и Грција. Возилото со македонски регистарски таблички било патничко моторно возило Mercedes, а во него патувало семејство. Вкупно биле откриени 322 шишиња хемиски препарати без соодветна дозвола за увоз, што претставува обид за нелегален транспорт на стока под посебен режим на контрола.
Од откриените препарати, 300 шишиња биле инсектицид CORAGEN 20 SC, а 22 шишиња фунгицид Bellis BASF. Вредноста на целата стока изнесува 16.058 евра. Царинските службеници утврдиле дека препаратите биле сокриени на повеќе места во возилото – во багажниот простор зад куферите со лични работи, во просторот за резервна гума и на задните седишта.
Возачот не поседувал соодветна дозвола за увоз, иако ваквата стока подлежи на посебен режим на дозволи со цел да се гарантира безбедноста на производите. Стоката е задржана, а возилото со кое биле транспортирани препаратите е одземено.
Против возачот ќе биде поведена кривична постапка, а случајот е предаден на Одделението за истраги при Сектор за контрола и истраги за понатамошно постапување.
Од Царинската управа истакнуваат дека секојдневните заложби на царинските службеници за сузбивање на нелегалната трговија и шверцот се многу важни. Целта е заштита на здравјето на граѓаните и спречување криумчарење на производи што можат да бидат штетни за здравјето.