Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, информира дека вчера попладне под Царев Врв на Осоговските Планини бил спречен обид за подметнување на шумски пожар.

Како што информира директорот на ДЗС, шумочуварите на „Национални шуми“ од подружницата Осогово од Крива Паланка во месноста Алтан врв на надморска височина од 2 000 метри нашле повеќе од 30 автомобилски гуми нафрлани на куп, картони, внатрешни гуми и суви борови стебла и гранки подготвени за палење.

Ангелов објаснува дека пожарот лесно можел да се префрли кон шумата.

„Голема благодарност до шумочуварската служба на ‘Национални шуми’. Апелираме до сите граѓани, доколку забележат сомнително однесување кое укажува на намера за предизвикање пожар надвор од населено место како што се гуми, даски, дрвени палети, пластични шишиња или туби со течност која наликува на бензин, итно да се јават на бројот 112 или да пријават во најблиската полициска станица или друга безбедносна служба“, вели првиот човек на ДЗС.