Директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев во изјава за грчката државна телевизија ЕРТ се осврна на блиската безбедносна соработка и заедничките активности меѓу двете полициски служби. Тој посочи дека професионалната комуникација резултира со конкретни резултати на терен.

„Морам да признаам дека во последните две години откако сум јас директор на полицијата, имаме изградениот силни и тесни врски пред сè со директорот на грчката полиција, мојот драг пријател Димитрос Малиос, со кој ги отворивме вратите и делот на оперативната соработка и делот на полициската соработка е на едно високо, врвно ниво“, нагласи Јанев.

Во однос на неодамна разоткриената иранска мрежа што подготвувала терористички напад или атентат на грчка територија, Јанев појасни дека мета на планираниот напад биле лица и компании лоцирани во Грција, особено во поголемите урбани центри, вклучително и главниот град Атина.

„Засега, досега, во овој момент, ние успеавме сето тоа да го спречиме врз основа на сите информации и дејствија коишто ги презедовме и на територијата на нашата земја, меѓутоа и во тесна соработка со грчката полиција“, посочи Јанев.

По откривањето на иранската мрежа, случајот останува во фокусот на грчката јавност, а државната телевизија ЕРТ испрати и свој новинар во Скопје за следење на настаните. Грчкиот медиум пренесе дека Јанев го оценил случајот како особено чувствителен, нагласувајќи дека прибраниот доказен материјал е целосно доволен за сериозни обвиненија за кои се предвидени строги законски казни, додека се очекува судската разрешница за петмината приведени.

ЕРТ објави и детали дека иранскиот наркобос Наџи Шарифи Зиндапти со еден од петмината уапсени наводно се запознал во затвор во Турција, што според информациите било почеток на регрутирање на останатите членови. Во меѓувреме, македонските безбедносни служби во координација со грчката разузнавачка служба ЕИП активно трагаат по шесто лице инволвирано во случајот, кое пребегало надвор од границите.

Иранската амбасада во Атина преку соопштение на социјалната мрежа Икс ги отфрли ваквите наводи како целосно неосновани, наведувајќи дека станува збор за шпекулации на одредени медиуми кои се обидуваат да им припишат терористички планови на структури поврзани со Иран.

За мотивот и целта на планираниот напад во Грција во медиумите циркулираат неколку тези, меѓу кои дека цел бил грчки бизнисмен со еврејско потекло, претставник на голема израелска компанија или друго лице поврзано со израелски деловни интереси, но за ниту едно од овие сценарија засега нема официјална институционална потврда.