Стотици заплени и спречени кривични дела

Мобилните царински тимови во текот на 2025 година евидентирале вкупно 271 случај на заплени. Во 39 од нив биле одземени 5.500 штеки цигари и 27,5 килограми тутун за наргиле, додека во четири случаи биле запленети 195,5 килограми дрога. Во 14 одделни постапки биле одземени 230.000 евра, а дополнително се запленети и повеќе од 39.000 парчиња лекови.

Извршени се над 8.000 прегледи на возила, при што биле спречени 28 кривични дела. Евидентирани се и прекршочни постапки во кои утврдените избегнати давачки достигнуваат износ од осум милиони денари.

Заштита на интелектуалната сопственост

Забележан е и значителен напредок во заштитата на правата од интелектуална сопственост. Во 39 случаи биле запленети над 112 илјади производи со ознаки на познати трговски марки.

Со овие активности, мобилните тимови придонеле за спречување на нелегалната трговија со фалсификувана стока и за заштита на легалниот пазар.

Меѓународни акции и К9 единицата

Постапувано е и по 30 барања за асистенција, при што во последниот случај, со помош на царинско куче од К9 единицата, биле пронајдени 10 килограми кокаин.

Мобилните царински тимови учествувале и во три поголеми меѓународни операции – Shield VI, Stop IV и ARMSTRONG XI. Овие акции се насочени кон спречување на нелегалната трговија со фалсификувани лекови и анаболици, заштита на интелектуалната сопственост преку сузбивање на трговијата со фалсификувани производи, како и спречување обиди за тероризам.