На велешанка во Скопје ѝ била наплатена казна затоа што паркирала на место за инвалиди,  иако на возилото има налепница за инвалиди и е член на здружение на лица со инвалидност, објави самата на Фејсбук.

Одејќи во Клинички центар во Скопје, велешанката се паркирала на автобуска станица на место предвидено за инвалиди, испратила СМС-порака за паркирање, па дури и својата потврда за инвалидитет ја ставила на ветробранското стакло, на видно место. Но и покрај тоа, кога се вратила, на нејзиното возило бил поставен блокатор и казна за недозволено паркирање.

Службениците на Градски паркинк, кои дошле откако им се јавила, ѝ рекле дека е паркирана на место за инвалиди и во тој случај, пораката што ја испратила „не се важи затоа што е од друг град“!? На нејзино инсистирање, службеникот се јавил на претпоставените од ЈП Градски паркинг и од таму му одговориле дека жената мора да ја плати казната, зашто паркирањето за лица со инвалидитет важи само за граѓаните на Скопје.

По ова велешанката морала да ја плати казната за да ѝ биде деблокиран автомобилот.

Револтирана, таа ја објави својата сторија на Фејсбук, во која вели дека се чувствува понижено и дискриминирано, и дека ќе преземе правни мерки против ЈП Градски паркинг. На новинарските прашања зошто им се наплаќа паркинг на лица со инвалидитет од други градови од ЈП „градски паркинг“ засега не одговориле.

За истиот проблем укажуваше и Здружението на лица со телесен инвалидитет на град Скопје, кое испрати барање да се измени овој апсурден правилник, но засега нема одговор на нивните барања.