Тој ги отфрли обвинувањата на Приштина дека Србија обучувала терористи и додаде дека иста воена опрема и оружје, како таа објавена од видео снимките на косовските власти, може да се најде на територијата на цела поранешна Југославија. Го повтори барањето за зголемено присуство на КФОР во пределите со српско население и обвини дека против српската војска се води кампања која ја оцени како лажна и неодговорна.
-Се води континуирана кампања против војската на Србија, за нејзината бројност и активност, односно движењата и разместувањата на единиците на војската на територија на нашата држава. Доколку војската на Србија добие таква наредба од Претседателот на Република Србија како врховен командант, за нејзините единици да влезат на територијата на Косово како дел од Република Србија, војската на Србија таа задача ќе ја изврши ефикасно, професионално и успешно,- изјави Милош Вучевиќ – Вицепремиер и министер за одбрана на Србија.
Косовскиот премиер Албин Курти пак, преку социјалните мрежи обвини дека нападот во Бањска бил дел од поширок план за анексија на северот на Косово и создавање на коридор кон Србија. Претходно и косовскиот министер за внатрешни работи Свечла кажа дека подготовките за нападот биле извршени во Србија, а како доказ прикажа снимки од дронови и директно ги обвини српскиот министер за одбрана Вучевиќ и началникот на генералштабот Мојсиловиќ дека стоеле зад планот.
-Подготовките, обуката и вежбите на оваа група биле извршени во воената база за обука кај Јагодина, како и во Копаоник. Во овој обид за анексија на северот на Косово директно се вклучени претседателот Александар Вучиќ, српскиот министер за одбрана, Милош Вучевиќ и началникот на српската армија, Милан Мојсиловиќ, вели – Џелал Свечла – Министер за внатрешни работи на Косово.
-Ја навредува интелегенцијата обвинувањето дека војската на Србија планирала упад на Косово и Метохија. Од воена гледна точка, изгледа целосно надвор од оперативна логика дека некои 30 луѓе и ангажирани 4.500 припадници имаат таква сила. Ако мене ме прашате и 14 илјади припадници се малку за таква сложена задача. – Милан Мојсиловиќ – Началник на генералштабот на војската на Р. Србија.
Мојсиловиќ ги отфрли и обвинувањата дека поранешниот потпретседател на партијата Српска листа бил на воени полигони во Србија, а иако во минатото бил повикан на воени вежби, Радоичиќ ниту еднаш не се појавил. Радоичиќ кој е во Србија е баран од косовските власти. Тој минатата недела потврди дека го организирал нападот, но негираше дека имал поддршка од властите во Белград.