Владите на Србија и на Русија се подготвени да вложат максимални напори за да овозможат непречена трговска размена меѓу двете земји во актуелната политичка криза во Европа, изјави министерот во Владата на Србија и претседател на српскиот дел на Меѓувладиниот комитет за соработка со Русија, Ненад Поповиќ и вицепремиерот на Владата на Руската федерација и претседател на рускиот дел на Меѓувладиниот комитет Јуриј Борисов на денешната билатерална средба на маргините на 25. Санктпетербуршки меѓународен економски форум „СПИЕФ2022“, јави дописникот на МИА од Белград.
На средбата меѓу Поповиќ и Борис, акцент беше ставен на економската соработка меѓу двете земји и конкретните проблеми со кои се соочуваат стопанствениците.
– Двајцата соговорници оценија дека е неопходно во секојдневната комуникација во рамките на Меѓувладиниот комитет да се најдат решенија за тешкотиите на стопанствениците, особено на извозниците на овошје, зеленчук и прехранбени производи, кои се соочуваат со бројни проблеми во транспортот на стоки, се наведува во соопштението на Кабинетот на министерот Поповиќ.
Српскиот извоз во Русија изнесува близу милијарда долари, а вредноста на увозот од Русија во Србија изнесува 1,8 милијарди долари, со што Русија е четврти надворешно трговски партнер на Србија.
Поповиќ потсети дека претседателите Александар Вучиќ и Владимир Путин постигнале согласност за потпишување договор за снабдување со гас под исклучително поволни услови, со што се дава силна поддршка за развојот на стратешката соработка меѓу Србија и Русија.
Поповиќ им се заблагодари на Русија и на претседателот Владимир Путин за поддршката што оваа земја и ја дава на Србија за косовското прашање.
– Србија останува на европскиот пат, но ние сме експлицитно против наметнување санкции за Русија и членството на Србија во НАТО пактот што не бомбардираше, кажа Поповиќ, додавајќи дека Србија, со поддршка од Русија, ќе продолжи да ги штити своите интереси на Косово и Дејтонските овластувања на Република Српска, се наведува во соопштението.