Со нов начин на пресметка на престојот, српските власти ги заоструваат правилата за странските државјани, со што практично се става крај на т.н. „виза-ран“ практика.
Според новите правила, престојот ќе се пресметува кумулативно во период од шест месеци, при што максимално дозволени се 90 дена, без разлика колку пати лицето ја напуштило и повторно влегло во земјата. Со ова се укинува досегашната можност со кратки излегувања да се „ресетира“ дозволениот престој.
Мерката најмногу ги засега руските државјани, од кои, според проценките, до 150.000 се преселиле во Србија по почетокот на војната во Украина.
Властите веќе пријавуваат случаи на изречени казни и судски одлуки со кои на лица што ги прекршиле правилата им се наложува да ја напуштат државата.
Официјалните институции ваквото однесување го третираат како обид за заобиколување на законската регулатива, најавувајќи построга и поорганизирана примена на мерките.
Аналитичарите оценуваат дека станува збор за чекор кон усогласување со европските стандарди во областа на миграционата политика и контролата на престојот на странци.
