Зоран Бекиќ, член на Кризниот штаб и директор на Здравствениот дом „Савски венец“, процени дека следната недела во Србија може да се очекуваат дневно околу 4.000 лица да бидат заразени со Ковид-19, јави дописникот на МИА од Белград.

– Бројките повторно почнаа да растат, сите сме свесни за тоа. На почетокот на јуни имавме по 300 заразени пациенти дневно, а сега таа бројка е некаде околу 2.500 и повеќе. Секоја недела се зголемува бројот на заболени за 50 отсто, изјави Бекиќ за РТС.

Тој додаде дека се зголемува бројот и на заразени деца и наведе дека во јуни неделно со коронавирусот се заразувале едно до две деца, а сега приближно по две или три дневно, а во петокот имало четири заразени деца.

Според него, сега има околу 200 хоспитализирани пациенти, но вели дека секој ден има зголемен број на примени во однос на отпуштањата.

Ако го погледнеме таквиот тренд, сигурно е дека во следните неколку недели може да достигнеме дури и четирицифрени бројки за хоспитализирани пациенти. Веќе следната недела може да се очекуваат околу 4.000 новозаболени на дневна основа, рече Бекиќ.

Според него, најчесто се заразени работоспособното население и младите, а симптомите се треска, болки во грлото, коските, мускулите, кашлица, но во последните денови се забележани и некои потешки клинички слики.