Српскиот министер за одбрана Милош Вучевиќ ги нарече „лаги“ информациите дека Србија испраќа оружје во Украина, како што објави Ројтерс повикувајќи се на тврдења од наводни документи објавени во Вашингтон. Британската агенција претходно објави дека Србија, иако единствената земја во Европа која одби да се приклучи на санкциите против Русија за нејзината инвазија на Украина, „се согласила да испорача оружје на Киев или веќе го испратила“.

Ројтерс објави дека доверливиот документ на Пентагон, кој ги сумира одговорите на европските влади на барањата на Украина за воена обука, помош и оружје, е меѓу десетиците доверливи материјали објавени на социјалните мрежи пред еден месец, во она што се смета за најголемо протекување на тајни на САД од последните години.

Исто така, Ројтерс тврди дека не можел самостојно да ја потврди автентичноста на документите. Насловен „Европа / Одговор на актуелниот конфликт Русија-Украина“, документот во форма на графикон ги прикажува одговорите на 38 европски влади на барањата на Украина за воена помош. Графиконот, според Ројтерс, покажа дека Србија одбила да обезбеди обука за украинските сили, но ветила дека ќе испрати помош во оружје или веќе ја испратила.

Српскиот министер за одбрана Милош Вучевиќ ги нарече лага информациите дека Србија и испраќа оружје на Украина и оцени дека целта на ваквите тврдења е да се дестабилизира Србија и да се вовлече во конфликт кој не го сака.

„Србија не продава, ниту ќе продава оружје на украинската страна, ниту на руската страна, ниту на земјите што го опкружуваат тој конфликт“, рече Вучевиќ денеска за рускиот портал Спутник, а неговите пораки се речиси идентични во соопштение испратено подоцна до медиумите од Министерството за одбрана.

„Некој очигледно има за цел да ја вовлече Србија во овој конфликт, но ние постојано се држиме до нашата воспоставена политика“, рече Вучевиќ, инсистирајќи дека Србија постојано ги „негирала овие невистини“.

Тој изјави дека Србија „продава оружје на трети страни, кои се далеку од конфликтот и немаат никаква врска со тоа“, оценувајќи дека „секогаш постои можност некако да се најде некое оружје на територијата на конфликтот“, но дека „апсолутно нема тоа нема никаква врска со Србија“.

„Ова е прашање за оние земји кои не ги почитуваат меѓународните норми, договорните клаузули и деловните принципи. Повторувам, Србија не испрати оружје во Украина и се што беше објавено на таа тема е невистинита шпекулација“, изјави Вучевиќ за Спутник.