Градоначалникот на Општина Струмица во рамки на неколкудневната посета на Република Србија имаше средба со Милан Ѓуриќ, градоначалник на Општина Нови Сад на која беа разменети информации и искуства од управувањето со општините, а најавија и почеток на интензивна соработка на повеќе теми, соопшти струмичката локална самоуправа.
– Големо е задоволството да се биде гостин во официјална посета на Нови Сад, во Република Србија. На покана на домаќинот и мој колега, градоначалникот г‐дин Милан Ѓуриќ, престојувам во градот на мултикултурата и современиот симбол на младоста. Во рамки на реализираната официјална средба, разговаравме на теми од интерес и во таа смисла успеавме да ја пронајдеме нишката која го поврзува овој град на Дунав со нашата Струмица. Иницирано од културната размена и реализацијата на првиот „GetEXITEd“ во Струмица, како дел од светски познатиот фестивал „Exit“, преку моделот за еднаквост и толеранција, па сé до респектот кон природата и практикувањето спортски начин на живот, се договоривме да започнеме процес на интензивна соработка помеѓу Нови Сад и Струмица. Заедно со градоначалникот Ѓуриќ се согласивме оваа иницијатива да прерасне во пример и урнек како, во рамки на процесот „Отворен Балкан“, треба да се работи, соработува и во крајна линија, да се стекнуваат и шират нови познанства, изјави по средбата Костадин Костадинов.
Градоначалникот на Нови Сад, Ѓуриќ, пак, истакна дека со Костадинов имале продуктивна средба на која биле разгледфани можностите за идна соработка.
– Разговаравме за можностите за соработка на двете општини и ги идентификувавме темите кои нѐ обединуваат и се од интерес за нашите сограѓани. Со колега како Костадинов, преку развој и реализација на интензивна соработка во областа на културата, спортот и меѓучовечките односи, убеден сум дека ќе поставиме нови репери кои ќе ни потврдат дека со ваква соработка – и на Балканот е можен успех!, изјави Ѓуриќ.
Во рамки на официјалната посета на Нови Сад, Костадинов присуствуваше и на конференција за медиуми во чии рамки беше најавено второто издание на „GetEXITed”. На средбата, покрај двата градоначалника, присуствуваа и основачот и Директорот на Фестивалот „Exit“, Душан Ковачевиќ и музичката ѕвезда Ана Ѓуриќ ‐ Костракта, соопшти Општина Струмица.