Ќе испрати ли Владата писмо до Европската комисија (ЕК) за меѓународна ревизија или евалуација на судските случаи „Монструм“, „Диво насеље“, Малиот Алмир“, „Алфа“, а можеби и на „Никола Младенов“ и „Љубе Бошковски“, откако според информации на „Слободен печат“, тоа на средба денеска претпладне било договорено помеѓу премиерот Димитар Ковачевски и независниот пратеник Скендер Реџепи. Детали од средбата не се откриваат, освен дека по допрецизирање на документот, Владата писмото наскоро ќе го испрати до ЕК.
По излегувањето на Алтернатива од власта, Реџепи кој до пред половина година беше дел од Алтернатива и ја напушти токму поради нереализација на клучното барање на партијата при влез во Владата лани – меѓународна ревизија на судските предмети, сега при реконструкцијата на Владата сам преговара со Ковачевски. Тој најави дека ќе гласа за новиот владин кабинет, бидејќи е дел од парламентарното мнозинство, но и дека има свои услови за тоа. Реџепи претходно изјави дека ќе побара средба со премиерот Ковачевски за да разговара за тие судски случаи. Според Реџепи, Алтернатива никогаш не побарала од Владата меѓународна ревизија за, како што вели, монтираните случаи, кои беа главна точка од договорот за владина коалиција меѓу Алтернатива и СДСМ. Ќе му успее ли на Реџепи тоа што една година не му успеа на претседателот на Алтернатива Африм Гаши, засега нема потврда од Владата.
На средбата меѓу Ковачевски и Гаши во екот на преговорите за влез на Алијанса за Албанците во Владата пред еден месец, „Слободен печат“ објави дека Гаши инсистирал Владата да го испрати писмото до ЕК. Тогаш генералниот секретар на Алтернатива, Зекирие Ибрахими, ни изјави дека Алтернатива очекува на владина седница конечно да помине писмото што Владата треба да го достави до ЕК за тим од меѓународни експерти да направи ревизија на тие случаи. Ибрахими тогаш изјави дека во Министерството за правда писмото е усогласено и дека сега треба да помине на Влада.
„Готова е финалната верзија на писмото што ќе биде испратено во Европската комисија за случаите за кои постои сомневање дека имаат политички импликации. Писмото го испративме во Министерството за правда и откако нивни служби работеа на него, ни го доставија во финална верзија. Сега очекуваме да помине во Владата и да биде испратено до ЕК“, изјави тогаш Ибрахими за „Слободен печат“.
Според Ибрахими, усогласувањето било во делот дека македонската Влада наместо ревизија ќе бара евалуација на спорните случаи. Тогаш Министерството за правда негираше дека добило такво писмо и дека работеле на усогласување на неговата содржина. Дури неофицијално од Министерството брифираа дека додека Никола Тупанчевски е министер за правда таков документ нема никогаш да потпише.
Но со реконструкцијата на Владата, Тупанчевски деновиве треба да биде разрешен од функцијата и на негово место треба да дојде Кренар Лога од Алијанса за Албанците. Дали Лога ќе биде потписник на документот ќе се знае откако тој ќе седне во фотелјата во ресорот правда.
Од Владата не успеавме да добиеме потврда за средбата помеѓу Ковачевски и Реџепи, ниту дали е договорено таков документ да биде испратен до ЕК.
Гаши во гостување на ТВ АлсатМ рече дека за барањето за меѓународна истрага за тие случаи како дел од договорот на Алтернатива може да зборува само партијата и партиските органи.
„Секој друг пратеник што ќе примени точка од договорот ќе биде добредојдено. Кој и да ја турка оваа агенда, ние сме благодарни за тоа. Ние напишавме писмо, го доставивме до премиерот, тој се консултирал со поранешниот министер за правда, за евроинтеграции, направија друга верзија, ни го вратија, ја видовме конечната верзија, ја усвоивме и ја испративме во канцеларијата на премиерот. Тој требаше овие денови да го потпише писмото и да го испрати, сè е спремно“, рече Гаши, но немаше одговор зошто писмото сè уште не е испратено.