Меѓународните прашања од заеднички интерес со акцентот на случувањата во поширокиот регион, Источниот Медитеран, Северна Африка, Балканот, но и Блискиот исток, со фокусот на Авганистан, биле темите за кои разговарале грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и претседателот на комитетот за надворешни однос во Сенатот на САД Роберт Менендез. Според информациите од кабинетот на Мицотакис, на средбата било потврдено високото ниво на односите меѓу двете земји, но и можностите за нивно дополнително проширување и продлабочување.
На почетокот од средбата во премиерската палата, Мицотакис рече дека Менендез е „многу добар пријател на Грција” и „човек кој ја постави стратешката важност на Источниот Медитеран во фокусот на надворешната политика на САД”.
-Навистина, со нетрпение го очекуваме финализирањето на законот за одбрана и интерпарламентарните и стратешки односи САД- Грција 2021 што верувам дека ќе биде закон што дополнително ќе го зајакне напредокот што го имаме постигнато на ниво на нашите билатерални односи. И особено го ценам фактот што секогаш сте биле човек со принципи, посветен на човековите права и меѓународното право како основни принципи што ќе треба да ги инспирираат цивилизираните земји во решавањето на нивните разлики, порача Мицотакис.
Сенаторот Менендез истакна дека ја ценат и се благодарни за водечката улога на Грција во повеќе области и потенцираше дека конкретниот период е значаен за двете земји и „можност за Грција да игра особено важна улога на меѓународно ниво” како и во прашањата поврзани со демократијата.
– Благодарни сме ви за лидерската улога што ја играте во продлабочувањето на нашата соработка во одбраната, економијата и енергетиката. Навистина ја цениме вашата водечка улога во актуелните теми, како што се климатските промени, истакна американскиот сенатор.
Менендез е во посета на Атина по повод одбележувањето на 200-годишнината од грчкото востание, а утре ќе биде примен од претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу, а ќе се сретне и со министерот за надворешни работи Никос Дендиас.