Средба Мицкоски – УПОЗ за платите во јавниот сектор
Премиерот Христијан Мицкоски попладнево ќе оствари средба со Синдикат на УПОЗ, која е закажана за 16:45 часот. Средбата доаѓа по понудата за раст на платите што ја даде Владата, а која од УПОЗ беше оценета како прифатлива, со најави дека дополнително ќе се разгледува во рамките на синдикалните тела.
Понудата прифатена и од КСС
Претходно, владината понуда беше прифатена и од Конфедерација на слободни синдикати, предводена од Благоја Ралповски. Во изјава за медиумите, премиерот посочи дека понудата е на маса повеќе од една година и дека е подготвен за средба и потпишување на колективниот договор за државните службеници.
Владата со формула за етапно зголемување на платите
Одговарајќи на новинарски прашања во врска со разговорите за покачувањето на минималната плата и платите во јавната администрација, Мицкоски изјави дека Владата има сопствена формула за пресметка на примањата. Според него, најголем дел од синдикалните претставници, и репрезентативните и гранковите, се согласни со таа позиција, со неколку исклучоци. Формулата, како што рече, предвидува етапно зголемување на платите на административните службеници, што ќе значи раст на нивните примања и надвор од растот на минималната плата.
