Партнерите од Г7 денеска треба да имаат средба во Германија, каде ќе бараат решение за украинската економија, опустошена од војната, јави Би-би-си.
Американската министерка за финансии Џенет Јелен изјави дека досега ветената поддршка, „нема да биде доволна да ги покрие потребите на Украина, дури ни на краток период“.
Јелен, која ќе биде присутна на средбата во Коенигсвинтер, ги повика американските партнери да „се приклучат во зголемување на нивната финансиска поддршка“ за Украина.
Руската инвазија ги уништи украинските финансии. САД продолжија со пакет помош од 40 милијарди долари за зајакнување на касата и воените резерви на Киев. Но, најголемата светска економија се соочува со сопствени предизвици дома, со пораст на инфлацијата, додека се зголемуваат стравувањата оти земјата може да оди кон рецесија. Европа се соочува со слична ситуација, а големата зависност на континентот од рускиот увоз на енергија, остава изложеност на понатамошни поскапувања на горивото, или потенцијални нарушувања во снабдувањето.