Во Скопје вчера и денеска се одржа 38. редовна средба на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, во согласност со годишниот план за работа.
Од македонската страна на средбата биле доставени новите учебници по Историја и општество за петто и шесто одделение, по што се водела дискусија за идниот пристап и методологија во разгледувањето на наставните содржини. Темата ќе продолжи да се разработува на наредниот состанок, информираше македонскиот тим во Комисијата.
Во рамките на средбата бил потпишан записникот од 31. седница, а истовремено продолжило усогласувањето по записникот од 32. средба.
„Македонскиот тим преку својот проактивен пристап за градење доверба продолжува кон изнаоѓање одржливи решенија, врз основа на взаемно почитување на сувереното право на другиот за различна перцепција кон минатото,“ се наведува во официјалното соопштение.
Следната средба на Комисијата е закажана за првата половина на декември во Софија, каде ќе продолжат разговорите за усогласување на содржините и препораките во областа на образованието.
