Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски се сретна со претставници на Советот на амбасадори, претседателот Мухамед Халили и членовите на Извршниот одбор, поранешни амбасадори, Тихомир Илиевски, Елеонора Петрова, Азис Положани и Александра Наќева Ружин.
На состанокот се поздравени навремените реакции на Владата во справувањето со последиците од војната во Украина, како што се историското покачување на минималната плата, покачувањето на пензиите, покажаното разбирање и принципиелната поставеност на Владата во разговорите со СОНК, како и фокусот кон задржување на европскиот курс на државата, преку политики на почитување на европските вредности и постигнување достоинствено решение на предизвиците по тој пат.
Премиерот Ковачевски соопшти дека Владата е целосно насочена кон поддршка на животниот стандард на граѓаните и на одржливо работење на компаниите, дека надворешната политика е целосно поставена на линија на политиките на НАТО и на ЕУ, дека оставнуваме посветени на евроинтеграциите со продолжување на реформските процеси и на добрососедските односи коишто се можни и одржливи преку меѓусебно почитување.
На средбата е констатирано дека членовите на Советот на амбасадори, како искусни професионалци, со своите активности даваат придонес во развојот на државата и поради тоа е договорено продолжување на соработката на принципиелно ниво помеѓу Владата и оваа невладина организација.