Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими амбасадорот на Република Полска, Кшиштоф Гжелчик.
На средбата се разменија мислења за актуелните политички случувања во двете земји, тековните предизвици и можностите за искористување на потенцијалите со цел продлабочување на билатералната соработка.
Во годината кога се одбележува триесетгодишнината од воспоставувањето на дипломатските односи, заемна констатација беше дека односите меѓу двете земји се на исклучително ниво и беше искажано задоволство од континуираниот политички дијалог, соработката во рамки на меѓународните институции и партнерството во НАТО Алијансата.
Претседателката се заблагодари за континуираната поддршка од Полска во реализацијата на македонските стратешки цели и изрази подготвеност за натамошна соработка на евроинтеграцискиот план и исполнувањето на реформската агенда.
Во таа насока, претседателката ја потенцираше важноста од непречено одвивање на нашиот пристапен процес во ЕУ и изрази очекување дека полскиот активизам и поддршка, билатерално, како пријатели на Групата за проширување на ЕУ и преку Вишеградската група, ќе продолжат со иста енергичност и во иднина.
На средбата беше истакната подготвеност за унапредување на образовната соработка и беа поздравени чекорите во насока на проширување на економската соработка, трговската размена и соработката во енергетскиот, информатичкиот и земјоделскиот сектор.