Претседателката и врховна командантка на вооружените сили, Гордана Сиљановска-Давкова, денеска го прими началникот на вооружените сили на Сојузна Република Германија, генерал Карстен Бројер.
Сиљановска-Давкова посочи дека посетата на генералот Бројер е уште една потврда за посветеноста на НАТО кон регионалната стабилност. Според неа, сојузништвото со Германија овозможува изградба на отпорен и интероперабилен одбранбен систем.
За генералот Бројер, дводневната посета е одлична можност, покрај разговорите со припадниците на Армијата, да оствари средби и со државниот врв, во функција на јакнење на единството во Алијансата и унапредување на германско-македонските односи.
Тој ја оцени македонската Армија како кредибилен сојузник, нагласувајќи дека македонските војници рамо до рамо со своите колеги од земјите членки на НАТО учествуваат во заедничките мисии и активности.
Соговорниците се согласија дека, покрај одбранбената соработка, обете држави имаат потенцијал за продлабочување на економските, образовните и културните врски.
Сиљановска-Давкова укажа на улогата на македонската дијаспора во Германија како важен актер во продлабочувањето на билатералните односи.
Taa ја поздрави континуираната германска поддршка на македонските реформски процеси и инфраструктурниот развој на државата.
