Денеска во Палатата на бригадите во Тирана во рамките на регионалната иницијатива „Отворен Балкан“ ќе се одржи официјалната средба меѓу премиерот Зоран Заев, претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Албанија Еди Рама и членови на делегациите со претставници на Атлантскиот совет, на која ќе се разговара за Стратешкиот план за Отворен Балкан 2022 година.

На состанокот во Тирана, премиерот Заев заедно со претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Република Албанија, Еди Рама ќе потпишат повеќе мултилатерални и билатерални договори во насока на реализација на основните права за слободно движење на луѓето, производите и капиталот, како дел од зацртаните придобивки за поголема регионална соработка и унапредување на поврзувањето меѓу земјите од Западен Балкан.

Во Тирана денеска ќе бидат потпишани Договорот за условите за слободен пристап до пазарот на трудот на Западен Балкан, Договорот за интерконекција за шемите за електронска идентификација на граѓаните на Западен Балкан, Договорот меѓу владите на Република Албанија, Република Србија и Република Северна Македонија за соработка во областа на ветеринарството, безбедноста на храна и фитосанитарната политика.

На самитот во Тирана во надлежност на министерствата за економија и за финансии, ќе бидат потпишани и билатералните договори за признавање на одобренијата за Овластен економски оператор за безбедност и сигурност меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија и меѓу Република Албанија и Република Србија.

Во рамките на агендата на самитот е предвидено и учество на премиерот Заев и заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски на Форумот за земјоделство и регионална соработка.

Во исто време голем број на демонстранти, протестираат против Иницијативата „Отворен Балкан“ .Демонстрантите  вчера го запалија српското знаме. Протестантите носеа  транспаренти со пораки напишани против иницијативата „Отворен Балкан“, претседателот Вучиќ, Рама, Сорос и слично.