Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во рамки на работната посета на Министерската конференција на претседавањето на Елинската Република со Процесот за соработка на Југоисточна Европа, вчера имаше билатерална средба со министерот за заштита на граѓаните на Елинската Република, Панајотис Теодорикакос.
Како што соопшти МВР, ова е прва од ваков вид гостинска средба во Елинската Република на највисоко ниво, со што се отвора едно ново поглавје во областа на безбедноста.
– На средбата двајцата министри Спасовски и Теодорикакос искажаа задоволство од начинот на кој се одвива соработката меѓу двете министерства и двете соседни земји во изминативе неколку години, како на оперативно, така и на политичко ниво, со уверување дека овој тренд на соработка ќе продолжи да се надградува и во иднина, соопшти МВР.
Спасовски и Теодорикакос, како што се наведува, разговараа за теми кои се актуелни во моментов, како што е состојбата со бегалците кои пристигнуваат од Украина, како и за состојбите со илегалната миграција.
Спасовски рече дека во овој период откриени се 24 случаи на криумчарење мигранти во кои е спречен обид да бидат прокриумчарени 217 мигранти. Бројот на откриените случаи, кривичните дела и мигрантите бележат тренд на зголемување, споредбено со истиот период претходната година.
Во делот на меѓународната и регионалната соработка на двете министерства, двајцата министри ја потенцираа нејзината важност, особено во заедничката борба против организираниот криминал и тероризмот и изразија уверување дека и натаму остануваат посветени на заедничкото дејствување во рамки на регионални и меѓународни иницијативи.
Двајцата министри се согласија за продлабочување на соработката помеѓу директорите на полиции на оперативно ниво, во делот на размена на искуства при заеднички вежби и обуки за специјалните елитни единици од двете земји во борбата со организираниот криминал и трговијата со дрога.
Министерската конференција на претседавањето на Елинската Република со Процесот за соработка на Југоисточна Европа се одржува на 3 и 4 мај во Атина.