Заев, како што соопшти владината прес-служба, информираше дека е во тек сеопфатна истрага за случајот во која покрај домашните, вклучени се и експерти од СР Германија во делот на форензиката за да се утврдат најточните причини за пожарот со трагични последици.

Заев и амбасадорката Брнз истакнаа дека денешната средба се остварува на денот кога пред 26 години двете земји воспоставија дипломатски односи на ниво на амбасади. Се согласија дека Македонија и САД продолжуваат да ги продлабочуваат меѓусебните односи и соработка, како и застапувањето и афирмацијата на заедничките вредности во НАТО.

Амбасадорката Брнз се заблагодари за поддршката на Македонија во прифаќањето на граѓаните на Авганистан и нагласи дека гестот е силна порака како постапува земја сојузник и членка на НАТО.

На средбата стана збор и за соработката меѓу двете земји на економски план, при што беше поздравен интересот на американските компании да бидат дел од процесите за транзицијата од фосилни кон обновливите извори на енергија, што доаѓа како резултат на позитивните политики што на овој план ги спроведува Република Македонија.

Како што се додава во соопштението, како позитивна е оценета определбата на Владата за справување со корупцијата при што е истакнато дека кампањата за борба против оваа појава има за цел не само да ја промени перцепцијата, туку и системски да ги елиминира причините за коруптивно однесување.

Премиерот Заев во разговорот со амбасадорката Брнз истакна дека процесите за почеток на локалните избори, како и текот на пописот се одвиваат според предвидената и очекувана динамика.