На средбата, во чиј фокус биле македонските аспирации за членство во Европската Унија, заменик-државниот секретар на САД, Габриел Ескобар, нагласил оти официјален Вашингтон очекува дека С Македонија ќе го продолжи патот кон ЕУ
Соединетите Американски Држави ја поддржуваат европската аспирација на Северна Македонија и очекуваат дека државата ќе го продолжи патот кон полноправно членство во Европската Унија.
Ова, меѓу другото, било нагласено на средбата која попладнево ја остварија претседателот Стево Пендаровски и заменик-државниот секретар на САД, Габриел Ескобар, кој е во дводневна работна посета на земјава.
„На денешната средба со Габриел Ескобар, разговаравме за македонските аспирации за членство во Европската Унија и за следните чекори коишто треба да ги преземеме како држава, за да напредуваме во процесот“, напиша претседателот Пендаровски на својот официјален фејсбук-профил по средбата со Ескобар.
Пендаровски нагласил дека како држава особено ја цениме поддршката која Соединетите Американски Држави ја даваат за остварување на стратешките цели на нашата држава.
Посетата на Ескобар следува по започнувањето на пленарната собраниска процедура за усвојување на уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот како услов земјава да ја одржи втората меѓувладина седница и да ги продолжи преговорите со ЕУ. Дневниот ред на седницата беше усвоен со 70 гласа „за“, а по исцрпувањето на дискусијата за предлог-одлуката за пристапување кон измена на Уставот, претседателот на парламентот Талат Џафери го одложи гласањето до обезбедување двотретинско мнозинство.
Освен со шефот на државата, заменик-помошникот државен секретар на САД утре ќе се состане и со премиерот Димитар Ковачевски, а средба ќе има и со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.