Ученикот Андреј Доневски од Куманово обезбеди учество на Светската олимпијада по природни науки, која ќе се одржи во Тајланд.

Сега гимназијалец, претходно ученик во основното „Кочо Рацин“ во Куманово, Доневски ќе учествува во тимот од државата на Светската олимпијада по природни науки, која ќе се одржи во Тајланд во текот на декември, годинава.

Како што појаснува ученикот, за учество на олимпијадата ги поминал сите натпревари, општинскиот, регионален и државен натпревар под менторство на професорот по физика во „Кочо Рацин“, Жаклина Пешевска.

– Очекуваме успех и целиме кон злато, вели Андреј.

За учество на олимпијадата, како што нагласи, заедно со целиот тим ќе почне веднаш со подготовки на Природно математичкиот факултет.

Најдобрите во државата по предметите физика, хемија и биологија учествуваа во два селекциски круга од каде Андреј после вториот круг се пласираше на четвртото место и избори место во шестчлениот македонски тим за олимпијада. Во текот на целото школување младиот кумановец уште од четврто одделение учествува на натпревари по математика, физика, биологија, хемија, информатика, учество во фото-секција, учество во училишниот тим по кошарка, одбојка и атлетика и друго. Добитник е на повеќе награди и признанија, последно трето место на државен натпревар по програмирање, трета награда на државен натпревар по математика и бронзен медал на јуниорска македонска математичка олимпијада, -учество на светскиот натпревар организиран од страна на Microsoft и стекнати меѓународни сертификати.

– Проблем за учеството се финансиите кои треба да бидат обезбедени заради подмирување на трошоците на целиот тим за натпреварот. Ќе се обидеме преку донации или спонзорства да обезбедиме средства, затоа што самиот билет е скап. Ќе побараме поддршка од локалните и државните институции, вели родителот на Андреј, Горан Доневски.

Андреј, дотогаш ќе се подготвува и како ученик во природно математичката насока во кумановската гимназија „Гоце Делчев“.