Лучиќ посочи дека со работа ќе започне за еден месец, најпрво со нудење услуги за сателитска телевизија, а до крајот на годината, како што изјави, ќе бидат пуштени во употреба услугите на мобилните телефонски услуги и оптичкиот интернет.
-За нас, одлуките донесени на Економскиот форум во Скопје се многу важни, бидејќи ние сме компанија која сака да биде лидер во регионот. Имавме планови за проширување на пазарите во Македонија и Албанија, плановите постојат од пред три години. Се обидовме да влеземе на албанскиот пазар со купување на Албански Телеком, но на крајот бевме спречени, изјави Лучиќ.
-Причината зошто сум во Скопје е што започна основањето на компанијата Телеком Србија во Македонија и ќе се вика Мтел, како што се викаат нашите компании во Црна Гора и БиХ, посочи Лучиќ.
Тој изјави дека регионалните иницијативи дополнително ги бришат границите за економијата и додаде дека ова е важно за Телеком, кој сака да биде присутен во сите земји во регионот.
Телеком Србија а.д. Белград е српски државен телекомуникациски оператор, основан како акционерско друштво во јуни 1997 година.
Мнозински сопственик на компанијата е Република Србија со 58,11 проценти сопственички удел. Покрај државата, сопственици се и Телеком Србија а.д. Белград со 20 проценти од акциите, граѓаните на Република Србија со 14,95 проценти и вработените и поранешни вработени во Телеком Србија а.д. Белград со 6,94 проценти