Министерот за образование во српската влада Бранко Ружиќ поднесе денес неотповиклива оставка на таа функција.
Оставката следи неколку дена по трагедијата во основното училиште „Владислав Рибникар“, во која 13-годишниот ученик К.К. уби девет луѓе, меѓу кои осум ученици и чувар.
„Оставката е личен, но и политички чин, во развиените демократски општества, а во нашиот регион многу често е одлика на слабост. Јавноста нека суди“, наведе Ружиќ, меѓу другото, во писмото до српската премиерка Ана Брнабиќ кое го објави на Твитер.
Смета дека тоа е „единствената рационална и чесна“ одлука во актуелните околности.
Во писмото до премиерката наведе и дека оставката ја понудил и на денот на трагедијата, во средата.
Ружиќ функцијата министер за образование на Србија ја вршеше од октомври 2020 година.