Српските медиуми известуваат за трагедијата во Кочани, кога 59 лица загинаа во пожар во дискотеката „Пулс“, го потресе регионот и покрена бројни прашања за отчетноста и безбедносните пропусти. Тие оваа несреќа ја споредуваат со уривањето на настрешница во Нови Сад на 1 ноември минатата година, кога животот го загубија 15 лица, додека четири и пол месеци подоцна две лица се уште се во болници.

Иако околностите се различни, заеднички именител на овие трагедии е негрижата за основните безбедносни мерки и неодговорноста на надлежните институции кои требаше да спречат вакви катастрофи.

Додека апсењата и оставките следеа веднаш по пожарот во Македонија, во Србија реакциите на владата за несреќата во Нови Сад беа далеку потивки, речиси непостоечки, пишува српската телевизија Нова.

Избегнување на одговорност

Министерот за полиција на Северна Македонија Панче Тошковски веднаш призна дека пожарот во дискотеката Пулс е директен резултат на длабоко вкоренетата корупција во земјата. Тој посочи дека клубот работел без лиценца, со несоодветни рути за евакуација и без основни мерки за заштита од пожари, што ги покажува катастрофалните пропусти на институциите кои требало да ја надгледуваат неговата работа.

Фото: Нова.рс
Фото: Нова.рс

Српскиот медиум прави споредба што се случувало таму. Од друга страна, во Србија властите ја избегнаа одговорноста за трагедијата во Нови Сад, тврдејќи дека во реконструкцијата на железничката станица е вклучено се освен настрешницата. Сепак, снимките од местото на настанот јасно покажуваат дека и тој бил реновиран – но очигледно лошо и непрофесионално, што доведе до негов катастрофален колапс и смрт на 15 луѓе. За разлика од Македонија, каде веднаш следеа апсења и оставки, во Србија одговорноста продолжува да се префрла од институција на институција, без конкретни последици за одговорните.

Апсења и притворања на потенцијалните одговорни

Министерот за полиција на Северна Македонија Панче Тошковски потврди дека еден ден по несреќата под истрага се 23 лица, а 11 се во притвор.

„Нема да застанеме тука. Истрагата покажува дека системот во Македонија е толку корумпиран што бројни институции не успеаја да го контролираат работењето на дискотеката. Денеска ќе бидат приведени повеќе лица од различни државни органи“, рече Тошковски.

Во Србија ситуацијата беше малку поинаква. Вишото јавно обвинителство во Нови Сад дури на 21 ноември, 21 ден по уривањето на настрешницата, соопшти дека се уапсени 12 лица во врска со уривањето на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад. Меѓу уапсените за уривањето на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад се и поранешниот министер Горан Весиќ, неговата помошничка Анита Димоски, Небојша Шурлан, Јелена Танасковиќ, како и Љиљана Милиќ Марковиќ, потпишана како главен проектант во главниот том за одобрение на проектот.

Новите апсења следеа навремено, поточно на 24 февруари. Уапсени се менаџерот за развој на инвестиции во „Инфраструктура Железница Србија“ и тројца членови на Комисијата за технички преглед на Железничката станица во Нови Сад. Едно лице е во бегство и по него ќе биде распишана потерница. Тие се уапсени по наредба на Вишото јавно обвинителство во Белград, поточно на Специјалното одделение за сузбивање на корупцијата, во врска со извршување на повеќе кривични дела со коруптивен елемент што резултирало со уривање на настрешницата.

Оставки на функционери

Што се однесува до трагедијата во Македонија, градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов, ден подоцна поднесе неотповиклива оставка.