Законот за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема чија имплементација почна од 1 јануари 2022 година, не нуди квалитетно решение за намалување на штетните влијанија врз животната средина и за континуирано одржување на активната дејност и ликвидност на деловните субјекти зашто наметнува нереално зголемени давачки за претпријатијата, смета Сојузот на стопански комори (ССК).
Според ССК, спречување или намалување на негативните влијанија од создавањето и постапувањето со отпадната електрична и електронска опрема е прашање кои треба да биде соодветно регулирано што може да се постигне со измена и дополнување на Законот.
-Со цел обезбедување еднаков економски и социјален пристап, трговските друштва кои вршат дејност на територијата на РСМ и опфаќаат најголем дел од пазарот со електрична и електронска опрема, истакнуваат иницијатива за одложување на примената на Законот за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема, како и намалување на висината на надоместоците кои се предвидени со законското решение. Овие надоместоци за управување со отпадна опрема кои ги плаќа производителот што пушта на пазар или како краен корисник увезува во државата, досега се движеа од 50 до 120 денари за килограм отпад, додека со законските измени неколку пати се зголемени и се движат од 100 до 350 денари за килограм отпад. Наведените цени се многу високи и нереални, дури повисоки и од Република Хрватска која е дел од ЕУ. Сето ова доведува до ценовно зголемување на сите производи и истото ќе падне и на товар на крајниот потрошувач, укажува ССК.
Оценка на Сојузот е дека согласно моменталната состојба во државата и воопшто, во светот, поврзана со корона пандемијата и енергетската криза, компаниите се спречени во навременото исполнување на законските обврски за постапување со електрична и електронска опрема. Особено потребен е подолг временски период за имплементирање и почнување со користење информациски систем наменет за водење на предвидените евиденции, поставување известувања и информирање за крајните корисници за сите промени со електричната и електронска опрема кои директно ќе влијаат врз нивното секојдневие и функционирање, усогласување на упатствата за употреба на опремата за домаќинствата со обврските за постапување со електрична и електронска опрема, како и за информирање на дистрибутерите со предвидените промени и нивно усогласување согласно законските измени.
ССК предочува и дека се уште не се усогласени и потпишани нови договори за постапување со електричната и електронска опрема со колективните постапувачи, како и дека се уште не се донесени ниту подзаконските акти кои треба да ги регулираат прашањата околу постапувањето со електричната и електронска опрема.
-Економските оператори воопшто не беа вклучени во изготвување на законското решение, со што беа исклучени од можноста да придонесат кон донесување на ефикасна и применлива регулатива. Исто така треба да се има во предвид и опасноста законското решение да има спротивен резултат од очекуваниот и да го нагласи проблемот со создавање на диви депонии, забележува Сојузот.
Воедно истакнува дека проблемот е адресиран и до Министерството за животна средина и просторно планирање како и до Владата на РСМ, но се уште нема одговор на иницијативата за организирање на работна средба.
–Моменталната економска состојба не дозволува покачување на предвидениот надоместок. Сметаме дека наведеното е од исклучителна важност со цел заеднички да се делува кон превенција, а особено кон ефикасна имплементација на Законот за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема и заеднички да се делува кон изнаоѓање на квалитетно решение за континуирано одржување на активната дејност и ликвидност на деловните субјекти која што е тесно врзана со нивното тековно работење, а кое се уште е дискутабилно со оглед на ситуацијата со која приватниот сектор се наоѓа, наведува ССК.