Сојузот на синдикати на Македонија денеска ги повика сите работници, синдикати и невладини организации да се приклучат на протестот што ќе се одржи на 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот, а на кој ќе се побара линеарно зголемување на платите за 2.806 денари.
Претседателот на ССМ, Дарко Димовски денеска на прес-конференција рече дека анализите на синдикатот покажуваат дека минатиот месец инфлацијата е зголемена за 8,8 проценти и дека доколку поскоро не се зголемат платите, инфлацијата ќе го „изеде“ ова зголемување.
– Затоа е нашето барање за зголемување на платите од 2.806 денари што побрзо, бидејќи гледаме дека инфлацијата секој месец е се поголема и доколку овие пари не ги добиеме ден побрзо можеби нивната вредност следниот месец ќе биде помала, рече Димовски.
Тој додаде дека како синдикат не лиферуваат со проценти, бидејќи процентот за едниот работник значи помалку, а за друг работник повеќе.
– ССМ овој 1 Мај нема да слави, туку ќе протестира. За да славиме потребни ни се пари, а парите ни ги изеде инфлацијата. Затоа, сите работници, пензионери, младината да излезе заедно и да им кажеме на работодавачите без разлика дали се од приватниот или од јавниот сектор дека ни е потребно што побрзо зголемувањето на платите. Ние не лиферуваме со проценти бидејќи процентот значи за едниот работник помалку, а за друг работник повеќе. Нашата интенција како ССМ е да им помогнеме на најниските слоеви на работници со најниски плати, рече Димовски.
ССМ, истакна Димовски, не се откажува ниту од тоа да го врати регресот за годишен одмор во јавниот сектор.
Во однос на случувањата со штрајкот во обрзованието и незадоволството кај дел од членството, Димовски рече дека ги поддржуваат просветните работници и ги повика доколку сакаат да се обратат со ССМ за да се види по кој основ штрајкот е ставен во мирување