Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) бара од мандатарот Димитар Ковачевски Министерството за труд и социјална политика (МТСП) да го води човек кој, како што велат, знае како да ги реши проблемите на работниците и укажува дека е време работниците да добијат министер, синдикалец од нивните редови „кој знае како се води социјалниот дијалог“.
Деновиве слушаме дека за Министерството за труд и социјална политика се водат „битки” со одредени коалициски партнери во владејачкото мнозинство. Сојузот на синдикатите на Македонија најодговорно тврди дека ресорот труд и социјала треба да го води човек кој знае како да ги реши проблемите на работниците – важна е компетенцијата, а исто така важно е да ги познава процесите кои се водат за донесување на нов Закон за работните односи, нов Закон за безбедност и здравје при работа, нов Закон за мобинг и сл., за да не се случи овие процеси кои се водат веќе и по три години да започнат одново и да траат премногу долго, а на штета на работниците, велат од ССМ.
На мандатарот за нова Влада, додаваат, му укажуваме дека доколку се избере таков човек, ние синдикатите ќе знаеме дека оваа Влада и сите нови влади што следат им мислат добро на работниците.
Потсетуваме дека во изминатиот период работодавачите имаа министер во владите од своите редови преку коморите, па редно време е работниците да добијат министер, синдикалец од нивните редови, потенцираат од ССМ.