Денеска од зградата на Работничкиот дом, симболот на работничкото движење, местото каде што се донесени сите важни одлуки за работниците, местото каде што започнале сите штрајкови и протести, дојдовме пред Врховниот суд, да им го завртиме грбот и да им покажеме жолт картон на оние судии кои ја донесоа срамната пресуда за конфискација на Работничкиот дом. Ова денеска го изјави претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија Слободан Трендафилов пред Врховниот суд, каде се одржа протестот на кој како што рече, присуствуваат само раководствата на Синдикатите, со цел да изразат револт против пресудата на Врховниот суд за одземање на зградата на Работничкиот дом.
Претставниците на различни синдикати со знамиња во рацете и со свирки го изразија незадоволството од судската одлука за конфискација на Работничкиот дом. Протестот почна од пред Работничкиот дом, а продолжи да се движи кон раскрсницата каде се наоѓаат судовите. Демонстрантите се задржаа на средина на раскрсницата половина час, а потоа се упатија пред Врховниот суд. Покрај нивните извици, се слушаше и песната „Бела чао“.