Сојузот на синдикати на Македонија ќе ја следи исплатата на финансиската поддршка за плати за февруари и март со цел навремено да се спречи секаков обид за злоупотреба на средствата од страна на работодавачите.

– Ги потсетуваме работодавачите дека средствата треба да легнат на сметките на работниците за двата месеци наеднаш, а срамно ќе биде доколку некој работодавач и покрај сите санкции повторно ги злоупотреби овие наменски средства, велат од Синдикатот.

Апелираат до работниците, доколку не ги добијат платите за февруари и март, веднаш да се обратат до ССМ за да може навремено да се реагира.

Финансиската поддршка за исплата на плати за февруари и март е дел од петтиот пакет антикризни мерки. Законите од овој пакет беа донесени вчера на пленарна седница во Собранието.