Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) утре ќе го продолжи протестот за линеарно зголемување на платите за 2.806 денари пред Министерството за труд и социјална политика од 10 до 13 часот, согласно одлуката на Штрајкувачкиот одбор – Претседателството на ССМ.
Во очекување повторно да биде поднесен амандман за исполнување на нивното барање во собраниската Комисија за финансирање и буџет, незадоволството ќе го изразат пред МТСП.
– Ние ќе го бараме излезот во Собранието преку амандман. Идејата ни беше да поставиме столчиња колку што има членови во Комисијата за финансирање и буџет, но ја одложија, не се знае дали ќе биде во четврток или петок. Затоа ние активностите ги пренасочуваме пред МТСП и да ја прашаме министерката Јованка Тренчевска каде исчезна социјалниот дијалог, ветувањето што ни го даде на 1 Мај и зошто не е прифатен амандманот во расправата за ребалансот на Буџетот, рече претседателот на ССМ Дарко Димовски вечерва во гостување во „Топ тема“ на ТВ Телма
Претходно протести беа организирани пред Владата и Собранието, а денеска ССМ ја блокираше крстосницата во Автокоманда за влез/излез од Скопје.
– Пред три-четири дена не се изгласа нашиот амандман предложен од Сојузот на синдикати на Македонија – линеарно зголемување на платите од 2.806 денари за сите работници. Протестираме за да им порачаме на сите несовесни пратеници и министри кои не нѐ поддржуваат дека сме спремни на сѐ доколку ова не го изгласаат и не ни излезат во пресрет во оваа економска криза, истакна Димовски.
Рече дека од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Социјалистичка партија, Беса и Алијанса за Албанците им е ветено дека уште еднаш ќе го поднесат амандманот во собраниската комисија за корекција на ребалансот на Буџетот односно, како што рече, да ги предвидат тие 2.806 денари или 30 милиони евра.
-Ние утре ќе одиме пред МТСП каде што јавно ќе побараме од министерката Тренчевска да се заложи многу повеќе за она што ни го ветија на 1 Мај, кога и таа беше присутна како дел од претставниците на Владата кои нѐ пречекаа во Владата. Тогаш ни ветија дека со ребалансот на Буџетот и Законот за извршување на Буџет овие средства можат да ги предвидат најдоцна до 1 јули. Тоа е за четири дена, а од тоа ни трага ни глас, рече Димовски.
Во врска со барањето за медијација (помирување) што ССМ, согласно Законот за мирно решавање работни спорови, го поднесе на 7 јуни, Димовски рече дека дваесет дена не добиле покана.
– Согласно членот 23 од Законот за мирно решавање работни спорови, кога ќе изброите 20 дена – ако сме го поднеле на 7 јуни, денеска е 27 јуни, никој досега не нѐ повикал, а од утре веќе нема на што да се помируваме. ССМ останува на ставот дека треба да се случи тоа што ни беше ветено пред толпата народ за време на денот на работникот, додаде Димовски.