Владата одлучно да застане на страната на работниците, да го стави предлогот за минималната плата на Сојузот на синдикатите на Македонија на гласање на Економско социјалниот совет и да го поддржи, порачаа денеска од ССМ.
Тие бараат решение за минимална плата од 18.000 денари и скалесто зголемување на останатите плати.
Повторно предупредија дека доколку во четврток во Собранието не се изгласа предлог законското решение од ССМ ќе почнат со штрајк, односно блокади на фабрики, економски зони, патишта.
-ССМ е веќе во штрајк поради немање слух од работодавачите и срамните предлог решенија кој ги вадат на секој ЕСС за да купуваат време кое ние го немаме! Владата која излезе со анализа која ја поздравуваме и која потврдува дека предлогот на ССМ е најреален и одржлив како идејно решение и по кое позитивно се произнесоа и затоа бараме повеќе да не потпаѓаат под влијание и игрите на работодавачите кои се дрзнаа да бараат за себе. Бараме да го стават предлогот на ССМ на гласање на ЕСС кој за нив заклучувајки по анализата изготвена од нивна страна и дискусиите кој ги водат на ЕСС е прифатлив, наведоа во соопштение од ССМ.
Ја охрабруваат Владата, како што велат, цврсто да застане рамо до рамо со работникот и да го даде тоа што го бараат.
-Доколку и понатаму нема решение за минимална плата од 18.000 денари и скалесто зголемување на останатите плати, ССМ во четврток на 10.02.2022 година ќе излезе пред Собранието на Македонија. Ќе го повика членството да им дадеме подршка на сите пратеници да го изгласаат предлог законското решение предложено од ССМ и доставено до сите нив за минимална плата кое е ставено како 7-ма точка на дневниот ред на седницата што ќе се одржи во четврток на 10.02.2022 година во 11 часот.
Доколку и тоа не се изгласа, почнуваме со Штрајк – блокади на фабрики, слободни економски зони, институции, патишта и итн., зошто виновни што немаме Минимална плата од 18.000 денари и скалесто зголемување на сите останати плати се работодавачите, а на Владата и порачуваме одлучно да застане на страната на работниците и да го стави предлогот на ССМ на гласање на ЕСС и истиот да го поддржи, велат од ССМ.
На втората средба што се одржа завчера во Владата за минималната плата не беше постигнат договор. Синдикатите останаа на барањето за минимална плата од 18.000 денари и скалесто зголемување на сите останати плати, додека дел од работодавачите изнесоа предлог да се субвенционира зголемувањето на минималната плата.
Разговорите, според најавите, треба да продолжат следната недела откако утре на седница на Економскиот совет на Владата ќе биде разгледано се за што е разговарано досега, како и најновиот предлог на Бизнис конфедерацијата изнесен на последниот состанок на Економско-социјалниот совет да се субвенционира дел од зголемувањето на минималната плата.
Во Собранието на дневен ред на пленарна седница на 10 февруари по скратена постапка е ставен предлог за измени на Законот за минимална плата поднесен од „Левица” со кој се бара минималната плата да биде 60 проценти од просечната плата. Досега, поддршка за ваквиот предлог најавија од ДОМ, Демократскиот сојуз и Социјалистичката партија.