Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) соопшти дека неговата одлучност во барањето за зголемување на мининалната плата на 18.000 денари резултирала со 90 гласа „за“ и ниту еден против, Собранието да ги усвои Предлог – измените за дополнување на Законот за минимална плата и тие денеска да бидат објавени во Службен весник.

Од ССМ им се заблагодаруваат пред се на работниците кои им биле поддршка и излегле на протестот на 12 декември минатата година и ја упатиле пораката до сите чинители дека платите мора да растат.

– Им благодариме на нашите социјални партнери, Владата и работодавачите кои имаа разбирање за потребите на работниците, на поддршката на еминентните професори и ФЕС кои помогнаа и ја изработија Анализата која значително придонесе за аргументираните ставови и барања на ССМ да бидат прифатени, а значајна беше поддршката од пратениците и политичките партии кои јавно и недвосмислено го поддржаа предлогот на ССМ доставен до Собранието. Во изминатиот период ги обединивме сите, здружени со иста цел да зборуваат за повисоки плати на работниците и за унапредување на работничките права, слушнавме и многу ветувања кои очекуваме веднаш да се реализираат, а за жал имаше и такви кои беа против платата на работниците и кои работниците ќе ги паметат, посочуваат од ССМ.

Потенцираат дека до социјалните партнери веќе упатиле писма со цел да укажаѕ на обврската која тие како работодавачи и досега ја имале кога станува збор за постапување согласно член 8 од Законот за минимална плата и усогласување на платите на вработените согласно измените на висината на минималната плата односно скалесто зголемување на сите останати плати на работниците.

– Укажуваме дека постапката на усогласување на колективните договори, односно скалестото зголемување на сите плати на вработените во институциите и компаниите мора да следи веднаш по донесувањето на измената на Законот за минимална плата согласно која од март 2022 година висината на минималната плата изнесува 18.000 денари. На состаноците вчера кои претседателот на ССМ ги имаше со пратениците во Собранието заеднички беше нагласено дека со растот на минималната плата ќе се обезбеди скалесто покачување на платите согласно Колективните договори и законите и согласно економските можности, истакнуваат од ССМ.

Нагласуваат дека внимателно ќе ја следат имплементацијата на Законот за минимална плата и предупредуваат дека доколку работодавачите од приватниот сектор, локалната власт и централната власт не постапат согласно член 8 од Законот за минимална плата ќе бидат принудени да преземат постапки пред надлежните државни органи, ќе бидат поднесувани и кривични пријави против работодавачите кои свесно ќе ги намалуваат работничките права и нема да ги почитуваат Законот и колективните договори особено во делот на зголемување на платите и и ќе побараат од институциите енергични, брзи и ефикасни мерки за доследно спроведување на законот во насока на остварување, заштита и унапредување на работничките права.